Отец Андреј Дудченко: Литургијата како причестување/заедничарење во теорија и пракса
Прв дел од написот во три дела
Овој реферат е произнесен на конференцијата „Богословие на причестувањето“ (Theology of Communion) во манастирот Бозе, Италија, 20-23 октомври, 2014.
Јас сум парохиски свештеник во Украинската православна црква и во овој реферат би сакал да истакнам некои прашања во врска со православната Литургија и несоодветноста (дисонансот) меѓу Литургијата како што таа е определена во своите молитви и рубрики и нејзиното практично извршување.
Да видиме како Литургијата се опсервира од страна на парохјаните – луѓето што присуствуваат на неа во различни степени на фреквентност. Не е тајна дека повеќето луѓе ја доживуваат Литургијата како нешто што се одвива „онаму“, во олтарот. А јас стојам овде, ја гледам Литургијата и се докоснувам до неа на некој начин. Но, можам ли да кажам дека јас вистински придонесувам во служењето на Литургијата? Се разбира, свештеникот ја извршува Литургијата. Оние луѓе што се вовлечени во извршувањето како ѓаконите, ипоѓаконите, чтеците, пеачите, олтарниците и другите служители – сите тие некако учествуваат. Но, како обичниот парохјанин, кој стои во црквата и се моли, го остварува неговото или нејзиното учество во литургиското служење?
Самата Литургија го имплицира учеството на секој што присуствува. Литургијата не е шоу, таа треба да има само учесници и никако набљудувачи. Нашата служба стана еден вид „свештена драма“ што клирот, хорот и прислужниците ја извршуваат пред верниците, и повеќе не претставува Литургија, во која секој зема учество. Најмалку илјада години, имаме литургиски коментари што ја објаснуваат Литургијата на еден илустративен, т.н. „симболичен“ начин. Според ова гледиште, Литургијата се доживува како „свештена драма“ која ја изобразува целата историја на спасението – од Воплотувањето и Раѓањето на Господа Исуса Христа до Неговото Страдање и Воскресение, т.е. дека целата служба ги претставува сите фази на светата историја. Ние сме набљудувачи на светата драма што пред нас се разоткрива. Отец Александар Шмеман остро го критикувал овој метод на интерпретирање (сп. „Символите и символизмот во византиската Литургија“ од книгата „Литургија и Предание“).
Оваа интерпретација е наметната врз Литургијата од страна на коментатори, меѓу кои некои се и свети отци, но самата не произлегува од самата Литургија, од нејзините молитви или обреди. Самите молитви на Литургијата во нашата пракса се читаат воглавном тајно (тивко), со исклучок на некои свештеници што свесно ги читаат на глас. Но, читањето на молитвите гласно било генерална пракса со векови, а истото го пропишува и 167 новела на императорот Јустинијан од 6 век. Сепак, нашите луѓе денес не можат да ги слушнат тие молитви. Тие го слушаат милозвучното пеење, ги гледаат убавите одежди, го мирисаат чадот од темјанот, но на каков начин сево ова кореспондира со нивниот секојдневен живот – семејствата, работата, дневната рутина и целиот свет околу црковната зграда? Како резултат на ова, црковната зграда се перцепира како свето место, изолирано од „профаниот“ свет.
Ако погледнеме во потеклото на нашата Литургија, ќе забележиме дека раната Црква го избрала зборот „leitourgia“ за да ги означи нејзините заеднички служби со прекршување на леб, термин што е ослободен од секаква сакралност. Зборот „leitourgia“ на старогрчки значи „општа служба“ или „заедничко дело“, дело во кое секој е инволвиран и има извесно задолжение. Древната leitourgia ги вклучувала сите граѓани на полисот, градот. Ако направиме споредба со нашето време, би виделе своевидна вистинска leitourgia во украинскиот Мајдан минатата зима. Сите беа вклучени во тоа и сите вклучени беа целосно свесни за своите задолженија. Учесниците држеа бдение, донесуваа храна и дрва за оган, лекарства, собираа пари, готвеа, градеа барикади, пречекуваа посетители, обезбедуваа бесплатен превоз за народот и сл. На тој начин, малите задолженија на секого беа собрани во големото задолжение на новороденото општество. Ова е пример на Литургија, во древната смисла на зборот – вистинска општа служба, заедничко дело образувано од различни служби. За жал, истата оваа идеја на Литургијата не се манифестира во нашето служење на Божествената Литургија.
Ние ја служиме истата Евхаристија што ја служела и древната Црква. Се разбира, се појавиле нови обреди и молитви, но јадрото на Евхаристијата останува исто. Сепак, нашиот однос кон литургиската служба е променет радикално. Не ги разбираме нашите должности при она што се случува во црквата и она што се случува кога ќе ја напуштиме службата и ќе отидеме во светот. За жал, нашиот пристап кон црковните служби станал крајно индивидуалистички и пиетистички. Нашата литургиска пракса се случува во атмосфера во која ние се молиме како индивидуи, едвај разбирајќи ги молитвите и без да се обидеме да ги разбереме зборовите. Таа се претворила во еден вид побожна медитација. Истиот проблем постои и со црковната зграда: ние црквата ја доживуваме како света архитектура, свето место, храм. Но, ако разгледаме какви згради користеле првите христијани за нивната литургиска служба кога можеле да богослужат слободно, ќе видиме дека првичниот тип на христијанска црковна зграда била базиликата – општествена зграда, во никаков случај сакрална. Освен тоа, раната Црква до 324 година богослужела во обични домови.
Нашата Божествена Литургија се состои од два дела: Литургија на Словото и Евхаристија. Централен настан на првиот дел е читањето на Светото писмо и негово објаснување во омилија, беседа, што подразбира активирање на учесниците. Вториот дел, Евхаристијата, не е ништо друго, туку заедничка трпеза со нашиот Господ и еден со друг меѓусебно. Самиот Исус, а не свештеникот што претстојува, е Оној што ја разделува храната. Примањето на Светите Дарови не е единствената цел на Евхаристијата. Нејзиното јадро е сочинето од неколку главни нешта, кое го бара учеството на сите собрани. Евхаристиското јадро не се содржи само во тоа дека „јас ја примам Светата Причест“ и со тоа моето причестување/заедничарење завршило. Литургиското учество имплицира имање на заедничко задолжение. Ние намерно подвлекуваме паралела меѓу Евхаристијата и Последната Тајна Вечера, и понатаму потврдуваме дека нашето учество во Литургијата, нашето примање на пречистото Тело и Крв Христови, не е повторување на Последната вечера, туку наше учество во настанот што Исус го изврши со Своите ученици во сионската горница.
протоереј Андреј Дудченко
Подготвил: Георгиј Глигоров