Отец Александар Шмеман: Христијанството – над „левичарството“ и „десничарството“

Прв дел од написот во два дела

rsz_sirsaja

Кога станува збор за современата криза на христијанството, или поточно, за кризата на христијанството во современиот свет, сè би можело да се сведе на еден основен проблем: на длабокиот и навистина сеопфатен раскол во самата христијанска свест. Во течението на изминатите векови – почнувајќи од времето на ренесансата – тој раскол започнал да се отвора помеѓу христијанството од една страна и општеството, кое сè повеќе се оддалечувало од христијанството, од друга.

Наспроти христијанството, т.е. Црквата како христијанска институција, стоело општеството на овој свет, кое, со текот на времето, сè повеќе се отуѓувало од секоја христијанска институција. Со други зборови, започнувајќи некаде од XVIII век, постојат два меѓусебно спротивставени табори: христијанскиот и секуларниот. Секуларниот табор – кој не секогаш бил задолжително и антихристијански – се сметал себеси, во секој поглед, за слободен од било каква религиска принуда или обврска. И токму во тој табор, во течението на изминатите неколку векови, се оформиле двете основни политички и психолошки категории, кои вообичаено ги нарекуваме (не размислувајќи за смислата на тие зборови) – „левичарство“ и „десничарство“…

Не е важно како историски настанале овие називи. Важно дека тие навистина успеале да станат најважните символи на кои се дели светот на политиката. Па така, „десничарско“ е сето она што е на страната на постоечкиот поредок, сето она што се труди да ги сочува вредностите од минатото, традицијата и сл. Но, десничарскиот менталитет ги гледа и општеството и културата – пред сè – како едно неизменливо устројство, кое е основано на вечни и, следствено, неизменливи идеи и поими. Еден од првите класични претставници на „десничарската“ идеологија, која постои до ден денес, бил англискиот писател Брек, кој кон крајот на XVIII век ги напишал знаменитите Размислувања за француската револуција. Тој меѓу првите ја почувствувал и дефинирал природата на оваа поларизација во човечкото сознание: помеѓу острастената љубов кон поредокот, ерархијата и традицијата, од една страна и острастената љубов кон промени, реформи и постојан – а ако тоа е потребно – и револуционерен развој на општеството, од друга страна. Берк ја разбрал целата таа нова дијалектика на „десничарството“ и „левичарството“, дијалектика која со особена сила се пројавила во француската револуција од 1789-та. Таа револуција избила како прва и моќна пројава на левичарскиот занес. Тој занес, се состоел пред сè во негирањето на општеството основано врз начелото на ерархијата, како и во негирањето на културата основана врз начелото на елитата. На сè старо кое потекнува од длабочината на вековите, како она што е основано на континуитетот на традицијата, француската револуција ја противпоставила идејата на апсолутната промена, револуционерниот скок во непознатото, кој има за цел некаква идеална иднина, иднина заснована на паролата „слобода, еднаквост и братство“. Но, како што добро е познато, француската револуција не успеала да го воспостави тој нов и идеален поредок, туку напротив, самата себеси се потопила во морето на крвта на својот терор, со што ја предизвикала појавата на нужната историска противтежа, т.е. новиот „десничарски“ поредок на Наполеон и реставрацијата на монархијата.

На тој начин, како одговор на левичарската идеологија, започнала да се создава „десничарската“ идеологија, и тоа како резултат на преобмислувањето на неодамна изминатата револуционерна катастрофа. Од тоа време европскиот свет се развива токму преку дијалектиката на борбата помеѓу тие два духовни менталитети. Како што „левичарскиот“ табор на револуцијата не успеал да го уништи десничарскиот табор, на ист начин ни „десничарството“ не успеало да го укине „левичарскиот“ табор со победата на Наполеон и Реставрацијата.

За нас е важен фактот дека христијанството во оваа дијалектика – од самиот почеток и речиси сосема природно – се нашло во десничарскиот табор. Значи, тоа се случило сосема природно и пред сè поради тоа што самата христијанска Црква ја создала онаа култура и она општество против која во револуцијата се кренало сè „левичарско“. Таа држава и тоа општество, кои „левичарската“ острастеност – од онаа на француските јакобинци, преку Маркс, до современите револуционери од сите видови и бои – на толку насилнички начин ги негирала, биле органски, со безброј врски поврзани со христијанството и со Црквата, со христијанската традиција и христијанските вредности. Дури и тогаш кога државата и општеството (како што бил случајот во Русија во времето на Петар Велики) сакале да ги ограничат власта и привилегиите на Црквата, тежнеејќи кон сè поголема „секуларизација“ на културата, врската помеѓу Црквата и општеството, сепак, во суштина останувала нераскината. Како што Петар Велики верувал дека царот е по Божја милост, т.е. дека неговата власт не е од луѓе, така и тогашната руска култура – и покрај својата „секуларизираност“ – продолжила да го чува своето древно христијанско предание. Затоа, повторувам, вклучувањето на Црквата во десничарскиот табор било и природно и логично. Не само гледано однадвор (т.е. со цел да ги зачува своите привилегии), туку и однатре – Црквата природно се нашла на страната на стариот свет, поредок и светоглед, на кои им се заканувало уништување од страна на тоа радикално лево движење. Затоа и православието и римокатолицизмот и протестантизмот биле согласни во одбраната на тој стар „десничарски“ свет. Од друга страна, пак, сите левичари – токму поради тоа органско сојузништво помеѓу „десничарството“ и христијанството – започнале да заземаат сè порадикален став против христијанството. Црквата била таа која во нивните очи стоела на страната на богатите, а против сиромашните, која стоела на страната на експлоататорите, неправдата, насилството и ситоста. Едноставно кажано, таква била реакцијата на левичарскиот табор кон сојузништвото помеѓу Црквата и „десничарството“. Поради тоа, многу е важно да се разбере значајот на сегашното раскинување на тоа сојузништво, раскинување кое во многу ја определува судбината на христијанството во современиот свет.

Црквата од почетокот и сосема природно стоела на страната на „десниот“ табор, што е сосема логично бидејќи таа била онаа која го формирала тој „десничарски“ свет, подарувајќи му ги неговите фундаментални вредности. Затоа било и природно Црквата да стане против деструктивните сили на левицата. Но, тогаш, исто така, разбирливо е и зошто „левичарскиот“ табор, станувајќи против стариот „десничарски“ свет, истовремено станал и против Црквата, против христијанството. И колку повеќе христијанството се изедначувало со „десничарството“, дотолку повеќе се засилувало антихристијанското расположение на „левичарскиот“ табор. Тогаш, воопшто не е случајно што таквото негирање на христијанството (како на она кое, наводно, најмногу го отуѓува човекот од него самиот) се нашло како централна тема на марксистичкото учење. Не е случајно ниту запишувањето на борбата против христијанството како мото на знамињата на речиси сите левичарски револуции. Од друга страна многу е значаен и достоен за сериозно изучување фактот дека внатре во самото христијанство и во самата Црква започнало да се развива своевидно левичарско движење, кое очигледно станува сè посилно и посилно.

Ретки биле гласовите кои – после револуционерниот крах на Европа од XIX век – ја повикувале Црквата да го преиспита своето место во светот и историјата. Но, тие гласови биле или замолчувани, или пак, продолжувале да се огласуваат, но надвор од Црквата. Таков бил случајот на прочуениот Ламане, кој истапил од римокатоличката црква, а слично се случило и со многубројни други критичари на римокатоличката црква на тоа време.

Во 1849-та, една година по 1848-та, кога револуцијата како луња ја растресла Европа, папата Пиј IX го издал својот прочуен „Sullabus на лажните мненија“. Во него, од височината на папскиот трон, тој ги осудил практично сите теченија на современата мисла и наука, како и речиси секој обид за дури и најмало преиспитување на постоечкиот општествен и државен поредок. Во почетокот на XX век, римокатоличката црква на подеднакво громогласен начин го осудила таканаречениот „модернизам“, т.е. движењето кое имало за цел да ги преиспита основите на римокатоличкото учење. Исто така, после II светска војна, римокатоличката црква го осудила движењето на римокатоличките социјалисти. Изгледа дека „десничарската“ ориентација и конзервативизмот на христијанството – и богословски и политички и културолошки гледано – сами по себе се јасни и непроменливи, односно дека не се подложни на никакво преиспитување.

Но, да фрлиме поглед на „духовната“ карта на христијанството денес. Ватиканскиот собор – одржан во почетокот на 60-те години – претставувал вистинска духовна експлозија во самиот римокатолицизам. Но, најважен е фактот дека тој собор претставува неверојатно моќна пројава на еден левичарски пресврт во самото западно христијанство. Десетици и десетици римокатолички богослови започнале – како да се работи за нешто сосема природно – да ја бранат левичарската идеологија, односно да ја величаат револуцијата, исто како што порано им било сосема природно да го бранат сојузот на европските монархии и папскиот трон, пропратен со задолжително проколнување на револуционерните пароли за слободата, еднаквоста и братството. Некој римокатолички богослови почнале да ги прогласуваат Мао Це Тунг и Че Гевара, речиси за „носители на евангелскиот идеал“ во изградбата на општеството. Истата појава ја забележуваме и во протестантизмот. „Светскиот сојуз на црквите“ – во чија работа учествуваат преку 200 протестантски цркви и повеќе православни Цркви – во последно време отворено застанува на страната на левичарските и револуционерните теченија и движења ширум целиот свет. На неговите собранија и конференции отворено се жигосува капитализмот и се велича социјализмот. Неговите предводници и идеолози отворено го разобличуваат „Западот“, а го одобруваат секое скршнување „кон лево“, каде и да е во светот. Меѓутоа, како што можеше и да се очекува, тој левичарски пресврт во самите христијански цркви нужно ја предизвикал и својата противреакција. Како противтежа се појавило и започнало сè повеќе да се засилува крилото на таканаречениот христијански „интегризам“, т.е. одбраната на десничарството во сите негови видови и следствено – отфрлање на сè што е „левичарско“, па дури и на сè што е „современо“. За овој тип христијани секоја „современост“, сама по себе веќе претставува, и тоа без исклучоци, некаква ѓаволска прелест. Овој свет е свет кој пропаѓа, па од него треба што поскоро да се избега. Се наближува крајот на светот, се доближува апокалипсата и повеќе ништо не е достојно да биде спасено. Ете како „левичарскиот“ фанатизам го предизвикува „десничарскиот“. Тоа е таа подвоеност, поточно – тој страшен раскол – во христијанската свест, кој го претставува жариштето на сегашната криза на христијанството. Суштината на таа криза се содржи во тоа што христијанската свест, на некој начин, самата однатре им се подала на милост и немилост на двете главни идеологии кои господарат со современиот свет. После многувековното, речиси потполното „стопување“ на црквата со десничарскиот табор, денес стануваат сè помногубројни оние кои посакуваат исто такво „стопување“, но овој пат со левиот табор. А сево ова значи дека самите христијани, изгледа, не можат да го пронајдат својот христијански одговор и ориентација во сложениов и противречен свет, поради што почнуваат – како некакво стадо – да се залетуваат по туѓи водачи, уверувајќи се и себеси и другите дека токму таа нивна (десничарска или левичарска) насока е единственото вистинско христијанство. Повторувам дека овој факт, оваа капитулација на христијанската свест е настан од првостепено значење и – што е најважно – дека тој настан ни најмалку не е случаен. Тој покажува дека нешто се изопачило во длабочината на самата христијанска свест, при што дошло до формирање на едно нагрдено „христијанско“ разбирање на светот, кое сега веќе во потполност било зависно од надворешните овосветски идеологии и философии. Исчезнало она најважно чувство – чувството на слободата на слободната христијанска свест од сите променливи идеологии на овој свет. Трагично е тоа што денес самата Црква се поделила, исто како и светот, на „левичари“ и „десничари“, па сега и таа говори на два јазика – на „десничарски“ или „левичарски“ јазик – како да нема свој сопствен јазик и речник. Цврсто сум убеден дека тука лежи и клучот на главниот проблем, како и во тоа дека христијанството нема да може да го заземе повторно местото кое порано го имало во светот сè додека самото во себе не го реши овој свој проблем.

(продолжува)

отец Александар Шмеман

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *