Христос: совршен Бог и совршен Човек

Прв дел од написот во три дела

rsz_1hr_kurbinovo

Вториот дел од Символот на верата, каде се зборува за второто Лице на Пресвета Троица – Христос, е најдолг и гласи:

Верувам… и во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Оца пред сите векови: Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински; роден, нестворен, едносуштен на Оца, преку Кого сè станало;

Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од Небото и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;

И беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше, и беше погребен;

И воскресна во третиот ден, според Писмото;

И се вознесе на Небо и седна оддесно на Оца;

И пак ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите и Неговото Царство ќе нема крај.

Првиот дел говори за учеството на Синот во првото Создавање, а вториот за Неговото учество во второто (пре)создавање на светот и човекот со Воплотувањето.

Адам, говоревме за тоа, не ја исполнил својата предназначеност, едноставно ја промашил целта на своето постоење и затоа се нашол надвор од заедницата со Бога, а како последица на тоа е светов во којшто живееме, свет кој е во противприродна, падната состојба, со страданија, болести и смрт… Според Божјото ветување, требало да се појави некој кој ќе ја исправи грешката на Адам. Старозаветниот Израил бил носител на таа вера во идниот Спасител од Бога. Евреите очекувале некој Месија кој ќе биде од Бога, ама дека Тој Некој ќе биде Самиот Бог, сигурно не очекувале (иако уште во Стариот завет има многу укажувања дека Месијата ќе биде Божествен).

Човекот и светот можеле да здобијат вечен живот само во заедница со несоздадениот Бог. Бидејќи е создаден, а со самото тоа и смртен, човекот не можел да биде двигател во спасението на паднатиот свет. Во таа смисла, Спасителот требало да има единство со создадената природа, а од друга, да биде несоздаден во Својата Личност. Затоа се случува Воплотувањето на второто Лице на Пресвета Троица: Синот Божји станува човек, Самиот Бог се воплотува и влегува во историјата.

Христос на грчки значи Помазаник (тоа е превод од еврејскиот Машиах, оттаму – Месија). Во Стариот завет помазаници (месии, христоси) биле пророците, свештениците и царевите, бидејќи преку помазување биле поставувани на служба. Старозаветните помазаници биле праобраз на новозаветниот, совршен Помазаник – Христос, Кој во Себе совршено ги обединил овие три служби: пророчката, свештеничката и царската. Пророците ја објавувале Божјата волја онолку колку Бог им откривал – но Христос ја објави полнотата на божествената вистина, објавувајќи дека Самиот е Вистината; старозаветните свештеници принесувале жртви за своите и за гревовите на народот – а Христос како безгрешен Првосвештеник се принесе еднаш засекогаш како жртва за нас; царевите го воделе народот во победи над народите и Го прославувале Богот на Израил – а Христос како Цар на славата ја победи смртта на Крстот.

Кој е Исус Христос? Во Евангелијата Он се објавува како воплотен Бог: се раѓа надумно од Дева, поучува како Оној Кој има власт, простува гревови, исцелува болни, воскреснува мртви, Самиот објавува дека ќе му суди на светот кога ќе се исполни времето. Христос Самиот за Себе говори дека е Бог: дека постои уште пред Авраам (Јн 8,58), Самиот изјавува: Јас и Отецот сме едно (Јн 10,30), се прави еднаков со Бога (Јн 5,18); Самиот го покренува прашањето за Христос (Месијата) кон Евреите, дека не е едноставно син Давидов (Мт 22,41-45: ако Давид Го нарече Господ во Пс 109,1 – како може да му е син?). Конечно, Христос е осуден за богохулство, бидејќи се објавил како очекуваниот Месија и Син Божји: Јас Сум… (Мк 14,61-64).

Во денешно време можат да слушнат изјави од многу луѓе за Христос, дека Он е голем учител на моралноста, мудрец, но не и Бог. Но, едноставно смртен човек, кој би го тврдел сето она што Он го тврдел за Себе, би рекле дека е ненормален човек, лудак. Мораме да избереме: или Исус е лудак и да Го игнорираме, или да паднеме пред Него и да Го признаеме како Господ и Бог. Но, да ја отфрлиме оваа бесмислица, дека Он е само голем учител – хуманист. Он не ни дава можност да размислуваме така. Христос на Евангелијата е Самиот Бог.

На крајот, тука е Неговото Воскресение и опитот на апостолите со Воскреснатиот. Апостолите пред Христовото Страдание знаеле дека Он не е обичен човек, а тој факт во својата полнота ќе го доживеат дури по Неговото Воскресение и Прославување, по Педесетница, со слегувањето на Светиот Дух преку Кого ќе Го препознаат Него вистински како Бог. Апостолите умреле за тоа сведоштво, за Евангелието, за благата вест, која се состоела (не во проповедањето на одредени морални вредности, туку) во исповеданието на конкретни историски факти: Месијата што го очекувавме дојде, тоа е Исус од Назарет, Он е Бог Кој се воплоти, умре и воскресна, и ни даде живот вечен.

Во раната Црква немало развиено богословие, но Црквата уште од своите почетоци ја носела вистината и опитот на Христос како вистински Бог и вистински човек, само требало време точно да се определи таа вистина со човечки зборови. Црквата ги определувала своите вистини само како реакција на некоја ерес која се косела со вистината, со вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш (Јуда 1,3). Уште во самиот почеток (1-2 век), една од првите ереси со која Црквата си имала проблеми бил докетизмот (сп. 1Јн 4,3; 2Јн 1,7). Според ова учење, Исус Христос бил навистина Божествен, а само изгледал како човек. Интересно е тоа што денес многу луѓе (на пример, Ден Браун во „Кодот на Да Винчи“) мислат дека Божеството на Исус е измислено од Христијанството, но во почетокот сите го доживувале Христос само како човек (според Браун, на Првиот вселенски собор се собрале христијаните и со гласање, со едноставно кревање на два прста, решиле да Го направат Христос Бог). Ама фактите друго кажуваат: на почетокот никој немал проблем со тоа дека Исус е Бог, туку како било можно Он да е човек. А сега имаме обратна ситуација: не е проблем да е човек, но никако Бог. Докетизмот бил страшен, затоа што го исклучувал учеството на физичкото во нашето спасение.

(продолжува)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *