Сергеј Худиев: Националисти и идоли

idoli_resized

Светото писмо на двата завета упорно преупредува да се пазиме од идолите. Навидум за нас што живееме во свет, кој воопшто не наликува на светот на апостолите и пророците, овие предупредувања претставуваат нешто излишно. Некаква архаичност.

Никој не скандира „Голема е Артемида Ефеска!“, никој не принесува жртви на Зевс, а особено никој не пали деца како жртва на Ваал. Дали ова значи дека повикот на апостолот: Деца, пазете се од идолите (1Јн 5,21) веќе не се однесува на нас? Но, не. Ние живееме во свет полн со идоли – дури и ако не го забележуваме тоа.

Една од причините за ова се состои во тоа што сме се навикнале поклонувањето воопшто – а идолопоклонството конкретно – да ги поврзуваме со „религијата“ како „организирано поклонение на натприродни сили“. Но, поклонувањето е возможно и на сосема спротивни реалности – на пример, на сопствените задоволства, како што пишува апостолот за некои: нивниот бог – стомакот (Филип 2,19), или на генијот на божествениот император – имено отказот да му се поклонуваат нему и бил причина за гонењата на христијаните.

Идол е она што претставува предмет на поклонување, но не е Бог. Што е поклонување? Тоа не е едноставно пројава на почитување – на пример, нам ни е заповедано да ги почитуваме родителите, пастирите, царевите и воопшто еден друг.

Поклонувањето во некого или во нешто поставува вредност, која ги надминува сите други вредности. Поклонувањето на императорот, на пример, означувало изјава „јас не признавам над себе поголема власт од твојата власт“.

Почитувањето како највозвишена вредност во животот – партија, нација, татковина, демократија, прогрес, наука, уметност – што било, доколку не е Бог, претставува идолопоклонство. Притоа, сите овие нешта не се задолжително лоши сами по себе. Ако тие, а не Бог, стојат во центарот на Вашиот живот, Вашето срце е предадено на идоли, а не на Бога.

Зошто луѓето ги предаваат своите срца на идоли?

Две најдлабоки потреби на човекот се потребата од општење со други луѓе и потребата од осмислување на својот живот. Тоа е дел од нашата природа, подлабок, за разлика од прехранувањето или полот.

Како што некаде отец Александар Мењ има напишано, во историјата илјадници луѓе се откажувале од сите телесни радости и доброволно прифаќале живот во сурово самоограничување, затоа што гледале нешто поважно и попосакувано.

Таа потреба од општење и осмислување е посилна, дури и од инстинктот на самоодржување – следбеници на религии и идеологии доброволно ги давале своите животи, за да ја утврдат својата верност кон своите истомисленици или убедувања.

Тука честопати и не станувало збор за некакви ветувања за задгробна награда. Камиказите умирале за императорот и Јапонија, нацистите – за торжеството на ариевската раса, а комунистите – за светлата иднина на целото човештво, не верувајќи во никаква задгробна награда.

Тие умирале затоа што единството со „своите“ го вреднувале повеќе од сопствениот живот. Императорот и Јапонија, ариевската раса или пролетаријатот, им давале чувство дека нивниот живот има смисла и вредност.

Квазирелигијата, која до ден денес по целиот свет најефективно ги тера луѓето да убиваат или да умираат – национализмот – сам по себе не се интересира за задгробна награда, иако и може да го поткраде од Христијанството ветувањето за вечна утеха на своите адепти (приврзаници). Луѓето одат да убиваат и умираат за својата припадност кон племето.

Од аспект на приврзаниците на секоја од овие идеологии, приврзаниците на другите се наоѓаат во тешко безумие; од аспект на секој национализам соседскиот национализам претставува воплотување на зло.

Идолопоклонството останува сериозен, да не речеме и главен проблем за нас, современите христијани. Бедата е во тоа што идолот, како прво, се маскира, како второ, поклонувањето нему се чини како нешто што само по себе се подразбира.

Да почнеме од маскирањето. На идолот обично нема голем натпис „Идол. Прифаќам поклонување со што ги нарушувам првата и втората заповед“. Идолот е толерантен, тој нема ништо против Христијанството. Освен тоа, тој особено не е против тоа неговите приврзаници себеси да се нарекуваат вистински христијани. Новиот завет е оној кој забранува да се биде идолопоклоник; идолите, од своја страна, немаат ништо против Новиот завет.

Национализмот одлично го проголтува и преработува Христијанството во секаква доза – хрватските усташи, на пример, биле длабоко религиозни и со себе имале монаси и свештеници. Молитвите кон Христа за зацврстување на силата на Вотан претставува парадоксална појава, но сосема вообичаена.

Луѓето бараат да се прилепат кон нешто – кон нација, кон политичка партија, кон „светска заедница“, кон што било друго. Кон нешто што им дава чувство на припадност кон нешто големо и добро, важно и достојно. Кон некои луѓе, за кои би можело со неискажливо чувство да се наречат „наши“.

А потоа жестоко почнуваат да се препираат за тоа, чија Артемида Ефеска е подобра и подостојна за поклонување. Се препираат и убиваат еден со друг. Сето тоа е тешко извратување.

Но, самото присуство на извратувањето укажува на постоење на норма: некаков природен инстинкт, кој има своја должна цел, скршнал од курсот и се упатил кон невин објект. Така е и во духовната сфера – нашиот стремеж да припаѓаме и да живееме осмислен и достоен живот укажува на нешто вистинско и реално.

Ние сме создадени за општење со Бога и Неговите светии. Како што рекол блажени Августин: „Ти нè создаде за Себе и нашето срце се вознемирува, додека не се успокои во Тебе.“ Идолопоклонството е главната трагедија на човечката историја. Како што рекол пророкот: Зашто две зла направи народот Мој: Мене, изворот на жива вода, Ме остави и си исекоа за себе скршени садови, што не можат да држат вода (Ер 2,13).

Ние имаме заедница, кон која припаѓаме – тоа е небесниот Ерусалим, каде владее Христос, каде живеат ангелите и светиите. „Наши“ се киевските и московските светии (и српските, грчките, бугарските, македонските – заб. на прев.), како и светиите од сите народи. Нашиот живот е исполнет со длабока смисла – ние сме повикани кон служба на самиот Цар на универзумот. Имено, од Бога и треба да бараме оправдување на нашиот живот.

Не треба да трагаме по смисла и припадност некаде на друго место.

Сергеј Худиев

Извор: pravmir.ru

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *