Исповед
Сите ние правиме грешки. Кога правиме грешка, обично нашиот прв инстинкт е да ја прикриеме, та никој друг никогаш да не дознае за неа. Тоа се обиделе да го направат Адам и Ева кога згрешиле. Се обиделе да се сокријат, за Бог да не ги најде. Потискањето (затворањето) на нашиот грев можеби е нашиот прв инстинкт, но тоа воопшто не помага. Тоа го правиме, за да избегнеме казна и срам, но тоа прави само да се чувствуваме постресно и повиновно. Смешно е да се држи нешто лошо затворено внатре. Конечно, кога собата мириса чудно, отвораме прозорец и пуштаме свеж воздух внатре. Црквата ни дава можност да го сториме истото во светата тајна Исповед. Некои луѓе не ја сакаат исповедта, бидејќи не сакаат да ги споделуваат своите гревови со свештеник. Но, како што спомнавме, воопшто не помага држењето на нашите гревови затворени внатре. Но, многу помага кога ќе бидат искажани на глас. И запомнете: ние не се исповедаме на свештеникот, затоа што тој не е оној што ни простува. Се исповедаме на Бога при присуството на свештеникот и неговата поддршка. И кога ќе завршиме, тој се моли за наше простување.
Исповедта е дел од еден подолг процес, еден дел од нашата борба да постигнеме покајание. Тоа е шанса да го запознаеме свештеникот и да му дозволиме нему да нè запознае нас. Тоа е шанса да имаме духовен советник, некој кој ќе може да ни го даде потребниот совет за да се приближиме кон Бога. Станува збор за наоѓање на духовен отец, некој кој ќе нè љуби и ќе се грижи за нас, и ќе ни помогне да возраснеме во личноста, каква Бог ја замислил.
Исповедта не е поврзана со Божјиот суд; тука станува збор за Неговата милост и Неговата љубов. За сигурноста и исцелението што Он ни го нуди сите нам. Не е срамно да се оди на лекар кога сме болни и нема да ни биде подобро, ако не кажеме што е проблемот. Свештениците се само поинаков вид на лекари, а Црквата е поинаков вид на болница. Свештениците ни даваат духовни рецепти што ни се потребни при закрепнувањето. Колку подобро исповедникот нè познава, толку подобро тој ќе може да нè раководи. Ова се практичните причини: исповедта едноставно и реално ни помага во нашиот духовен живот.
Има и теолошка причина, нешто што ја изразува суштината на Црквата: исповедта е еден вид принос. Во Божествената Литургија на Бога Му принесуваме леб и вино. За возврат, Он ни ги дава Неговите Тело и Крв. Во исповедта, ние на Бога Му ги принесуваме нашите гревови и нашата скрушеност. Он го прима тоа и не нè осудува за тоа. Напротив, ни дава исцеление за возврат. Вистината е дека ние не сме доволно силни да ги понесеме нашите сопствени гревови, не сме ни доволно силни да ја исцелиме сопствената скрушеност. Сами, ние сме несовршени и слаби. Затоа ни е потребно да се обратиме кон Бога, Кој секогаш е подготвен да нè подигне кога паѓаме. Бог ја зема слабоста и ја претвора во крепост. Ја зема смртта и ја претвора во живот. Нè зема нас кога сме скршени, мизерни и срушени, нè крева и нè претвора во светци. Кога одиме кај свештеник за да ги исповедаме нашите гревови, ние покажуваме нешто многу важно. Покажуваме дека имаме вера во Бога, дека Бог може да го земе секој грев, затоа што нема нешто премногу големо или премногу ужасно од кое Бог не би можел да нè спаси. Покажуваме дека имаме вера во Црквата, којашто е Телото Христово, дека Црквата е нашето спасение, дека тоа е местото каде го наоѓаме нашето вистинско исцеление и вистинските нас. Покажуваме и дека имаме вера во самите себе, дека можеме да си простиме себеси сè што и да сме сториле, и да продолжиме понатаму, во животот на покајание и обновување во Христа.
Без разлика колку длабоко паѓаме, без разлика колку лошо се повредуваме, без разлика колку осамено и разочарано се чувствуваме, Бог никогаш не нè напушта. Он е секогаш тука, чекајќи повторно да нè подигне. И исповедта е едно од најмоќните средства што Он ни ги нуди на нашиот пат кон покајанието.
Па, да бидеме пчелата и сè да Му принесуваме на Бога, дури и нашите грешки.
Биди пчела и живеј го Православието.
Извор: Be the Bee – Confession, episode 36
Г.Г.