Владика Методиј: Верувам Господи, помогни му на моето неверие!

(Мк 9,17-29)

rsz_1christ-healing-the-lunatic-monastery-decani-detail

Чудото со исцелувањето на момчето коешто од своето детство боледувало од нечист дух, е поучно заради многу нешта и на многу начини. Најпрвин го гледаме Господ како тагува заради нашата немоќ вистински да поверуваме. Истовремено, со тоа нé поучува дека ако човек не работи, не се труди да ја зацврсти својата вера, тогаш навистина случајот е безнадежен. Зашто нам навистина не ни е возможно да живееме без вера. Не верувајќи, човекот е играчка и во рацете на демоните и во рацете на сите поднебесни стихии и сили. Цврстата вера, пак, е нашата цврста котва, како што вели денешното апостолското четиво, со којашто опстојуваме во вистинската природа, во здравјето, во разумот, во благочестието, во просветеноста, во сето она со што Бог нè украсил, создавајќи нè според Својот образ.

Луѓето, пак, оддалечувајќи се од Бога и губејќи го тој голем дар на верата, живеат подјаремени под стихиите на овој свет, сомневајќи се во сè, во себеси, во луѓето околу себе, па дури и во Бога. Тие во толкава мера се затвараат во своето неверие и недоверба, што е невозможно дури и да примат помош во најтегобните моменти од својот живот. Учителе, го доведов при Тебе сина ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа. Со овие зборови таткото Му се обрати на Христа, обидувајќи се да го оправда своето неверување со немоќта на учениците Господови. Но, благодатта не делува таму кадешто верата е мртва. Токму затоа Спасителот не кон учениците, туку кон народот и особено кон татакото на болното момче се обраќа со зборовите: О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас, до кога ќе ве трпам! Но, и овој прекор не го растопи каменот на сомнежот во човекот. Тоа го разбираме и преку настроението со кое таткото на момчето, иако имајќи огромна потреба од помош за своето чедо, Му пристапи на Христа, велејќи: Ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни! Му се обрати со: ако можеш,– на Оној Кој сè може, а тоа ние го знаеме само преку нашата вера.

И навистина целата скепса, сето неверие на овој свет, јасно се забележува имено во агонијата на постојаното прашување и испитување дали навистина Бог може, дали може сè? Ако може, тогаш нека помага. Ако може, тогаш е добредојден да ја исполни секоја човечка желба. Целата надеж не им е восредоточена во милоста Божја, во долготрпението Божјо, во цвстата увереност дека навистина Бог прво нè создал и ни го дал овој живот, а потоа и нè лекува од секаква немоќ, дека Бог е Создател и Промислител на сето она што постои – туку само во постојаното искушување на силата Божја. Токму затоа и овие зборови се мошне симптоматични. Овој човек имаше сè што му беше потребно за да биде добар родител, освен верата, макар верата како синапово зрно која што му беше насушна за да му помогне на својот син, и на себеси, се разбира. Но, Христос покажувајќи го најпрвин своето смирение, а потоа и својата божествена моќ, како вистински Искупител и Спасител, го излекува, наредувајќи му на духот да излезе од момчето. Но, и како вистински Учител му го покажа на таткото и на насобраниот народ вистинскиот начин на кој се стекнува здравјето и исцелувањето.

Ако можеш да поверуваш,– рече Тој – сé е возможно за оној којшто верува! Значи, нашата моќ, нашата сила доаѓа токму од верата во Божјата сила и моќ. Човекот Му се обраќа на Бога со апсурдното ако можеш. Бог, пак, на таа наша маловерна бесмислица одговара со истите зборови: ако можеш, ако можеш да поверуваш,– ставајќи ја во нашите раце можноста да соучествуваме во Неговата креативност, во Неговиот Домострој на спасението. Оттука произлегува и објаснувањето на сите натчовечки сили во нас. Силата да љубиме. Силата да проштеваме. Силата да правиме чуда. Да познаваме како што сме познати – прозорливоста, итн.

Сè преку верата којашто се зацврстува со навидум едноставните, меѓутоа суштински орудија за кои Господ ги поучуваше апостолите: Тој род не се изгонува со ништо друго освен со пост и молитва. Воздржување од секаков грев и духовна нечистотија, и постојано пребивање на умот во богомислие, постојано созерцување на силата на Божјото име.

Тие нешта овој свет суштински не ги прифаќа. Им дава различни имиња, им дава различни форми и функции, во контекст на верувањата и идеологиите според умот човечки. Се обидува да создаде нивни сурогати подобни на самоугодувањето и обожувањето на телото. Меѓутоа вистински светот никогаш не ги прегрна ни постот, ни молитвата. Исто онака како што не ги послуша зборовите на Спасителот. Затоа и вистинската припадност кон Црквата, кон Христовото стадо, се остварува не преку номиналната припадност, не преку вербалното поистоветување, туку преку подвигот во постот и молитвата, кои се алфа и омега на нашиот добродетелен живот. Или со еден збор, преку исполнувањето на законот Божји.

Постојано живеејќи во одмереност, во внимавање на она што го расудува и разбира нашиот ум, на она што се случува во срцето, и секако непрестаниот труд за очистување на умот, очистување на срцето преку преобразувањето на страстите и ревносното богомислие, преку постојаната заедница на умот со името Божјо. На тој начин за нас сè е можно, тогаш верата покажува вистински дела, тогаш верата прави чуда, стекнуваме онаква вера со којашто му беше можно не само на Господ да оди по водата, туку и Петар да го следи на тој чудесен пат, сè до оној момент кога се поколеба во својата вера. Поучувајќи се од овој едноставен пример  на исцеление, и истовремено огромно чудо, многу природно и едноставно за Оној, Којшто ја има власта над сè,– да разбереме дека во тие едноставни нешта, дури и во секој чекор  што ќе го направиме во животот, во славата Божја, учествува педагогијата Христова. Таа нè прави силни и нè обдарува со духовно познание, кое едноставно го нарекуваме вера. Вера во Бога. Амин.

отец Методиј Златанов

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *