Кларк Карлтон: Црквата и двете терапии
Оние што се запознати со делата на покојниот богослов, отец Јован Романидис, или на митрополитот Јеротеј Влахос, ќе ја препознаат темата на Православното Христијанство како терапевтска наука. Т.е. дека тие го презентираат Православието, пред сè, како терапевтски метод создаден да ја излечи човечката душа. Тука би додал дека грчкиот збор за душа е психи, од кој ги добиваме нашите зборови: психа, психологија и психијатрија. Всушност, митрополитот Јеротеј една своја книга ја насловил „Православна психотерапија“. Од друга страна, отец Александар Шмеман, во својата книга „За животот на светот“ се спротивставил на оние што го третираат Православието како средство за помош на луѓето во животните предизвици и, конечно, нивно помирување со неизбежноста на смртта. Со други зборови, тој категорично го отфрлил секој обид да се третира Православието како форма на секуларна, па дури и религиозна, терапија.
Би било премногу едноставно да се претпостави дека тука отците Романидис и Шмеман се спротивставени еден на друг: дека едниот го третира Православието како еден вид терапија, а другиот го негира тоа. Но не станува збор за тоа, бидејќи отец Шмеман се противел на терапија, сфатена како хуманистичко заложување, креирано да го помири човека со фактот на неговата претстојна смрт. На овој факт, како и на сите хуманистички стратегии што се креирани да помогнат да се прифати тој (фактот на смртта), отец Шмеман го спротивставил пасхалниот восклик на Црквата: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им даде!“ Поинаку кажано, Православието не ја прифаќа смртта како факт, туку ја смета неа за непријател што треба да се победи, и тоа известува дека Христос го сторил токму тоа.
Во оваа светлина, терапевтските стратегии на Црквата, молитвата, постот, бдението, самооткажувањето и сл., никогаш не би можеле да се доживуваат само како механизми за справување. Тие не се создадени едноставно за да ни помогнат да го пребродиме животот сè до моментот на нашата неизбежна смрт. Всушност, тие се создадени за да ни помогнат да земеме учество во Христовата победа над смртта сега и тука. „Да го започнеме постот со радост“, вака пееме на почетокот од Великиот пост, „за да можеме сите да го видиме светото страдание на Христа, нашиот Бог, и духовно да се радуваме на Неговото свето Воскресение.“
Она што отците Романидис и Шмеман во суштина го направиле било нагласувањето на два целосно различни, но комплементарни и меѓусебно зависни, аспекта на православната вера. Отец Шмеман го нагласил објективниот факт дека преку Своето Воплотување, Смртта и Воскресението, Христос ја уништил смртта и за смртниот човек ги отворил длабочините на Божествениот бесмртен живот. Како литургичар и светотаински богослов par excellence, понатаму нам ни нагласил дека оваа победа над смртта ни се нуди нам објективно во светотаинскиот живот на Црквата. Крштението Е нашата смрт и воскресение со Христа. Евхаристијата Е нашето учество во обоженото човештво на Распнатиот и Воскреснат Господ.
На истиот начин, писанијата на отец Романидис служат за да ни напомнат, дека она што објективно е дадено во Црквата треба субјективно да се прими и да се живее од секој од нас. Да, како што знаеме, полесно е да се каже, отколку да се исполни. За вистински да се прими и живее животот што Христос ни го дава, самото тоа бара труд, и токму затоа мораме, според терминологијата на св. Павле, да се бориме против стариот човек, нашата природа којашто е потчинета на стравот од смртта.
Митрополитот Јеротеј го акцентира светоотечкиот образ на Црквата како духовна болница. Црквата е гостилницата каде што Добриот Самарјанин го носи човекот, кој паднал во раце на разбојници, откако бил игнориран од секој што поминал покрај него. Кога секоја секуларна и религиозна помош покажува неуспех, тогаш се појавува Христос и ни дарува исцеление на телата и душите во Неговата Црква.
Токму затоа што Црквата е Христовата болница, нашето исцеление, самото наше спасение, зависи и од двата овие аспекта. Објективниот факт на Христовата победа над смртта што ни се дарува во светите тајни и усвојувањето на овој дар преку живот на смирено послушание и духовна борба. Без благодатта на воскреснатиот Христос, без живот закотвен во мистичниот живот на Христовото тело, црковната терапија станува само еден поинаков хуманистички обид за самоподобрување, постот станува само уште една диететска програма, а молитвата само уште една форма на медитација. Од друга страна, без терапевтската дисциплина на Црквата, светите тајни стануваат магични обреди или, исто толку лошо, едноставни социјални обичаи. Крштението без катихеза е само уште еден обред на иницијација. Причеста без исповед (подготовка) – само уште едно заедничко јадење.
Затоа, мораме да сфатиме дека кога слушаме дека Православието се опишува како терапевтска наука, а Црквата како духовна болница, ние не ги разбираме овие фрази на истиот начин со кој тие се употребуваат и злоупотребуваат во нашата популарна култура. Кога позната личност ќе биде уапсена, таа го обвинува алкохолот или лековите, па оди на рехабилитација на една или две седмици. Кога некоја друга позната личност има јавен испад, таа оди на рехабилитација на еден или два дена. За вакво нешто, 30-минутната рехабилитација е речиси неизбежна. Сме дошле дотаму што кога позната личност ќе навреди групи на посебен интерес, ќе мора да се пријави на рехабилитација како дел од нејзиното јавно каење. Последново премногу ме потсеќа на архипелагот Гулаг.
Поенатата е дека православната терапија не е рехабилитација. Таа не програма во случај на слом, која е создадена да ни помогне да се справиме со животните стресови. Попрво, таа е проверен и вистински метод, испробан и докажан безброј пати во текот на последните 2000 години, метод на исцеление на нашите страсти и дисциплинирање на нашите умови, за благодатта Божја, која ни е дадена нам слободно во Христа, да може да расте во нас како семе и да нè преобразува, како што св. Павле ни кажувам во своето послание до римјаните: Не сообразувајте се со овој свет, туку преобразете се со обновување на умот. Православната терапија е токму оваа преобразувачка обнова.
Кларк Карлтон
Извор: www.ancientfaith.com
Подготвил: Георгиј Глигоров