Протоѓакон Андреј Кураев: Минатото и иднината на кирилицата
Проповед пред концерт на Црвениот плоштад во Москва, 24 мај 2011 година
Христос воскресна!
Велат дека Кирил и Методиј го создале старословенскиот јазик. Тоа не е точно. Тие не го создале старословенскиот јазик и неговата азбука, туку црковнословенскиот. На тој јазик никој не разговарал. Тоа е вештачки јазик за писмо и молитва. Може да се рече дека Кирил и Методиј се нашиот православен Толкин.
Толкин измислил нови јазици за својот Медитеран – елфски, оркски… Толкин го сторил тоа за деца. А Кирил и Методиј создале нов јазик за оние, кои во очите на сопствените сограѓани – Грците – биле Орки. Во 9 век, грчкото национално сознание болно го доживувало неодамнешното (во 7 век) навлегување на Словените на Балканот. Македонија, татковината на најславниот од воините – Александар Македонски – станала словенска татковина. Можело со сладост да се негува сопствената справедлива омраза, да се собираат поводи за одмазда. Но Кирил и Методиј кон Словените пошле со љубов. Во тоа време луѓето не реагирале на програмите на политичарите, туку на човечките очи. Очите на словенските апостоли блескале со вера и љубов. Затоа и ги примиле нивните дарови.
Тоа што црковнословенскиот јазик е вештачки, значи дека Кирил и Методиј решиле да создадат нешто совршено ново. Тие ја зеле грчката граматика и методика, начинот на взаемна врска и редоследот на зборови во реченицата, и го соединиле тоа со светот на словенските зборови. Ако денес ја споредуваме граматиката на еден јазик со основите на друг јазик, тогаш денешниот плод на Кирил и Методиј би звучел вака: „автомобилю же сущу в гараже бездействующу, изыдох на торжище и взях таксомотор“.
Благодарение на Кирил и Методиј нашиот руски (=македонски) јазик до денес е зачудувачки отворен за другите јазици, со спокој ги прима новите зборови од нив, но ги навикнува да живеат според законите на нашата јазична стихија. Ако сакаме да бидеме ученици на Кирил и Методиј, должни сме да патуваме на метре (рус. со метро, но во падежна форма локатив – заб. на прев.) и да одиме в палте (истата ситуација: странски збор во руски падеж – заб. на прев.). Зошто да ги заштитуваме странските зборови од влијанието на нашиот мајчин јазик и неговите правила?
Творечкиот порив на Кирил и Методиј нè повикува да не се претвораме во фотокопирни апарати. Треба да создадеме реалност, а не само да ја согледуваме.
Уште една полуларна и не сосема точна претстава за Кирил и Методиј – дека тие ја создале кирилицата. Тоа не е точно. Кирил и Методиј ја создале глаголицата. И тој проект не бил многу успешен. Кирилицата била создадена од ученикот на Кирил и Методиј – свети Климент Охридски и неговите соработници. Се чини дека големиот учен маж не ја доживеал реализацијата на својата замисла. Најглавното откритие се врши од страна на неговите ученици. Но, самите тие ученици ги создал токму тој.
Исто така и Кирил и Методиј. Тие ја поставиле задачата и ги нашле методите за решавање. Потоа други учени луѓе, одејќи по тој пат, можеле да направат културна револуција. Кирил не создавал кирилица. Но неговиот творечки импулс бил таков што тоа го сториле неговите ученици. Изгледа дека не е доволно да се измисле нешто. Треба и да се има умешност да се воведе истото во живот и да опстои. Треба да умееш да направиш откритие со технологијата.
Повеќето од вас се студенти или ќе станат такви летово… Сепак, простете што многумина од вас се нашле тука не по своја волја… Користењето на административниот ресурс, вклучувајќи го тука и часот по физичка култура при посетата на молебниот на светите Кирил и Методиј, тешко дека ќе ги израдува самите свети браќа…
И така, за студентот е многу важно да си најде достоен учител и добар началник. Најдете си таков раководител, кој сака да генерира идеи. И не е важно колку тој ќе плаќа.
Бонус кон малата плата може да стане радоста на мислите и владеењето со техниката на мислата. И избегнувајте такви учители кои можат да го репродуцираат само она што е напишано до нив.
Уште пред неколку години се чинеше дека во епохата на Интернет кирилицата нема иднина. Го помнам времето кога не можеше да се напише насловот на фајлот со словенски букви. А уште повеќе беше невозможно да се испраќа таквиот фајл по електронска пошта. Но поминаа години и испадна дека е поедноставно да го научиш компјутерот да говори руски, отколку ние да учиме латиница. Така што не треба да се плашиме од своето наследство и да се отуѓуваме од него. Не треба да се плашиме да ги штитиме и создаваме своите светови. Најважно е, во центарот на световите што ќе ги создадете сами, да има сонце на љубов.
Ви посакувам светлина! Христос воскресна!
протоѓакон Андреј Кураев
Подготвил: Георгиј Глигоров