Терминот мистагогија (μυσταγωγία – тајноводство) се однесува на периодот (обично тоа бил пасхалниот) кога во раната Црква новокрстените (новопросветените) преку особени поуки се воведувале во тајната на животот во Христа. Претходно тие поминувале одреден период на катихезација (поучување) со што се подготвувале за Крштение. Но, по Тајната на стапување во Црквата следел друг вид на катихезација – мистагошка – кога тие како членови на Новиот Израил, како дел од заедницата на царското свештенство, учествувајќи активно во светотаинството на Црквата, биле подлабоко воведувани во реалноста на новиот живот во Христа.

Мистагогија.мк претставува обид за реализација на мисионерскиот императив, вложен во секој христијанин. Според тоа, задачата на страницата е објавување на текстови од областа на православното христијанско богословие, живот и култура. А целта – запознавање со основите на Православието, кое не е просто фолклор, туку полнота на Божественото Откровение во Христа, нов благодатен живот, каде што се наоѓаат одговори на конечните егзистенцијални прашања, како и смисла на целокупниот живот на човекот. А смисла на животот, конечно, може да му даде единствено она што ќе ѝ даде смисла и на смртта. Во Христа смртта не е едноставно осмислена, туку победена (преку Воплотувањето, Распетието и Воскресението Христово) и преобразена во Пасха (Премин) – Премин од ограничените форми на битисување во божествените, вечните. Смртта веќе нема власт, таа веќе не е страшна. Затоа Христијанството претставува сушта радост. А тој обновен, воскреснат живот во Христа, којшто е животот на Царството Небесно, започнува уште сега во историјата и се исполнува во Есхатонот. Но, Царството веќе е дарувано на верните во Христа, кои го антиципираат него во евхаристиското собрание (Литургијата), кога самите актуелизирајќи се како Црква, како Богочовечко Тело Христово, го вкусуваат самиот живот на невечерниот Осми ден.

Ова е уште еден скромен придонес, покрај повеќето од ваков вид, со кој се зачекорува во Интернет-просторот, кој како и секоја твар треба да биде допрен од Христовата светлина која просветува сè.

Уредници
презвитер Георгиј Глигоров
Дејан Рисафов

Соработници
презвитер Александар Зашов
ѓакон Никола Митевски
Александар Митров
Слаџан Ивановиќ

Веб
Милан Јаковчевски