Светите тајни во Православната црква (2)

Покајание

Светата тајна Покајание, т.е. помирувањето со Црквата после гревови направени по Крштението, има паралелен развој и на Исток и на Запад. Првично јавен акт, баран од грешниците кои биле или официјално екскомуницирани или сториле дела достојни за екскомуникација, Покајанието, постепено и особено по четвртиот век, ја зело формата на приватна исповед, проследена со разрешителна молитва читана од свештеник. Тоа тогаш се идентификува самото речиси целосно со праксата на приватното духовно раководство, особено распространето во монашките заедници.

Развојот на покајната пракса и теологија во византискиот свет бил различен од нејзиниот западен пандан, во тоа што таа никогаш не знаела за влијанието на легалистичкото толкување на спасението, како што е учењето на Анселм за „сатисфакцијата“, и никогаш не се соочила со криза слична на западната Реформација и Контрареформација, со нагласокот на последната врз клерикалниот авторитет.

Патристичката и византиската литература за покајанието е речиси целосно аскетска и морална. Многу малку автори на аскетски расправи за покајанието, специфично го споменале разрешувањето како формална потреба. Овој молк не укажува на тоа дека светотаинско Покајание не постоело; освен во случаи на формална екскомуникација, која морала да биде проследена со еднакво формално помирување, тоа било препорачувано, но не се барало. Во своите безбројни повици на покајание, Златоуст често ја споменува „исповедта“, т.е. разоткривањето на нечија совест пред сведоштвото на „Црквата“; но регуларна светотаинска исповед како да не се споменува. Во неговите девет беседи, во кои особено се занимава со „покајанието“, тој само еднаш ја посочува Црквата како директен лек: „Си сторил ли грев? Влези во Црквата и покај се за гревот… Стар човек си и сè уште паѓаш во грев? Влези (во Црквата), покај се; зашто овде е Лекарот, а не судија; овде никој не се испрашува, туку секој прима простување на гревовите“.

Брак

Византиското богословско, литургиско и канонско предание еднодушно ја нагласува апсолутната единственост на христијанскиот брак, а ова нагласување го базира врз учењето на Ефес 5 гл. Како света тајна, или мистерион, бракот го одразува единството помеѓу Христа и Црквата, помеѓу Јахве и Израил, и како таков може да биде само еден: вечна врска, што дури ни самата смрт не ја уништува. Во својата светотаинска природа, бракот го преобразува и трансцедира и телесното единство и договорната правна заедница: човечката љубов се проектира во вечното Царство Божјо.

Само ова изворно сфаќање на христијанскиот брак може да го објасни фактот, дека до десеттиот век, втор брак, било помеѓу двајца вдовци или разведени, не се благословувал во Црквата. Повикувајќи се на обичајот на „крунисување“ на брачниот пар, дел од византискиот обред на бракот, еден канон припишан на Никифор Исповедник (806-815) определува: „Оние кои стапуваат во втор брак не се крунисуваат и не им се дозволува да ги примат пречистите тајни две години; оние кои стапуваат во трет брак се одлачуваат на пет години“. Овој текст, кој само го повторува поранешниот пропис на каноните на Василиј, претпоставува дека втор и трет брак на оние, кои се вдовци или разведени, може да се склучи само како граѓански договор. Всушност, бидејќи брачниот благослов обично се давал на Евхаристијата, каде брачниот пар ја примал Причеста, бараната привремена екскомуникација го исклучила црковното учество или благослов во случаи, кога бракот се повторувал.

Апсолутната единственост, како норма на христијанскиот брак, исто така се афирмира во фактот, дека во византиското канонско право таа строго се бара од клирот; човек кој двапати бил во брак, или се оженил со вдовица или разведена, не е подобен за ракополагање во ѓакон или свештеник. Но, лаикот, по период на покајание и воздржување од светите тајни, повторно се прима во потполно општење со Црквата, дури и по втор или трет брак; разбирањето и толеранцијата се распространува на нив, кога тие не можат да се согласат да останат сами, или би сакале да имаат втора шанса да изградат вистински христијански брак. Очигледно, византиската традиција кон проблемот на повторниот брак, по вдовство или развод, пристапува според покајната дисциплина. Бракот, како света тајна, го подразбира дарувањето на Божјата благодат; но оваа благодат, за да биде ефективна, бара човечка соработка („синергија“). Ова е вистина за сите свети тајни, а особено за Крштението, чии плодови можат да бидат изгубени преку гревот и повторно повратени преку Покајанието. За бракот, кој претпоставува личносно разбирање и психолошко адаптирање, византиската традиција ја прифаќа можноста за почетна грешка, исто како што фактот дека самотниот живот, во случај на смрт или при едноставно отсуство на партнерот, е поголемо зло отколку повторниот брак за оние кои не можат „да го носат“ тоа. Можноста за развод останало интегрален дел од византиското граѓанско законодавство во сите времиња. Во рамката на „симфонијата“ помеѓу Црквата и државата тој никогаш не бил укинат, факт што не може да се објасни едноставно со повикување на цезаропапизам.

Исцеление и смрт

Честопати поврзуван со Покајанието како една света тајна, овенатиот обред на „Маслосвет“ не се развил (освен во некои области на христијанскиот Исток по шеснаесеттиот век) во „последно помазание“, света тајна резервирана за умирање. Во Византија тој вклучува сослужување на неколку свештеници, обично седум, согласно со Посланието на Јаков 5,14, текст кој се смета за библиска основа на светата тајна. Составен е од библиски четива и молитви за исцеление, текстови кои дефинитивно ја исклучуваат можноста за давање на магично толкување на обредот; исцелението се бара само во рамка на покајанието и духовното спасение, а не како цел сама по себе. Каков и да е исходот на болеста, помазувањето го символизира божественото простување и ослободување од порочниот циклус на гревот, страдањето и смртта, во кои паднатото човештво е поробено. Сочувствителна на човечкото страдање, собрана заедно да се моли за нејзиниот страдален член, Црквата преку нејзините презвитери бара олеснување, прошка и вечна слобода. Ова е значењето на Маслосветот.

Погребението, исто така сметано за „света тајна“ од некои византиски автори, нема поинакво значење. Дури и во смртта христијанинот останува член на живото и воскреснато Тело Христово, во кое тој бил инкорпориран преку Крштението и Евхаристијата. Преку погребалната служба, Црквата се собира да сведочи за фактот, кој е видлив само за очите на верата, но веќе искусен од секој христијанин кој ја поседува извонредната привилегија на живеење, со предвкус, во идното Царство.

протоереј Јован Маендорф

Прв дел

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *