Паламизмот објаснет накраткo

saint_gregory01

Пред неколку дена, еден пријател ми испрати адреса на блог од некој кабинетски богослов кој учел дека ги побил учењата на свети Григориј Палама, со тоа што поставил цитат од свети Василиј Велики, целосно изваден од контекст. Знаете, постои причина зошто Интернетот се нарекува најголемиот празен печат во светот.

Имајќи го предвид споменот на свети Григориј Палама, мислам дека би било згодно да се разгледа богословието на свети Григориј. Првото што треба да го научиме за паламизмот е дека воопшто не постои такво нешто. Паламизмот е измислица на римокатоличките мислители – не би ги нарекол богослови – коишто сакале да ја оправдаат сопствената ерес, давајќи му егзотичен назив на несомненото и преданиско учење на Православната црква, претворајќи го во историски условен „изам“. Сè што направил свети Григориј е тоа што го изразил древното учење на Црквата во рамките на современите контроверзи поврзани со природата на исихастичките методи на молитва. Зад сета расправа околу медитацијата и созрцанието на светлина лежи фундаменталната дистинкција (разликување) што православните богослови ја истакнувале барем уште од времето на свети Атанасиј.

Накратко, учењето е ова:

Од самиот почеток, луѓето имале два сосема различни опита на Бога. Од една страна, Бог се набљудувал како битие радикално поинакво, поразлично од самите нас, така што ние не можеме да говориме за Него користејќи зборови како битие и постоење во недвосмислена и директна смисла. Моите мисли не се ваши мисли, и Моите патишта не се ваши патишта – вели Господ. Техничкиот термин за оваа смисла на Божјата дистанца од нас е трансцедентност.

Од друга страна, ние луѓето, барем некои од нас, имале опит на Бога како Некој поблиску до нас отколку самите ние. Христијанството е религија на Емануил, што значи „Бог е со нас“. Свети Петар, пак, вели дека треба да станеме „учесници во Божјата природа“. Техничкиот термин за оваа блискост е иманентност.

Православието е религија на и/и а не или/или. Постојат два вида на ереси. Ентузијастичките ереси се поврзани со некои харизматични ликови коишто одлучуваат дека тој или таа имаат специјален однос со Бога и одлучуваат да играат улога на самопомазани пророци. Монтан бил еден таков лик. За неговите следбеници се вели дека крштевале во името на Отецот, Синот и Господарот Монтан. Џозеф Смит, како и повеќето модерни харизматици, би се вброиле исто така во оваа категорија.

Вториот вид на ереси, коишто се многу почести, се рационалистичките ереси. Поголемиот дел од повеќето „изми“, коишто ја опустошувале Црквата со векови, од савелијанството до калвинизмот, се од овој вид.

Она што е заедничко за сиве овие ереси е одлуката на нивните ересијарси (основачите на погрешни учења) да го направат опитот на Бога складен на некаква рационална структура. Со други зборови, сите тие претпоставувале дека Бог треба да ни е поимлив.

Да ви го илустрирам ова со историјата на учењето за Троица. Знаеме дека уште од почетокот Црквата ја исповедала својата вера (и крштевала) во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Исто така знаеме дека Црквата, како нов Израил, верувала дека дека имало, и може да има, само еден Бог, а не три. Значи, Црквата исповедала дека ние Го познаваме Божеството и како три различни личности, и како едно семоќно битие.

Но ова и/и не му било пресметливо на римскиот презвитер Савелиј. 1+1+1 не е еднакво на 1. Гледате, тој очекувал Бог да биде складен со човечкиот разум и математичката логика. Така што тој ја решил оваа логичка дилема, со тоа што ги сметал трите личности како три маски на едниот Бог, како Бог да играл различни улоги во различни времиња, но секогаш зад маската се наоѓал истиот Бог.

Малку подоцна, Ариј го имал токму истиот проблем, но бидејќи савелијанството исчезнало, тој требало да најде поинакво решение. Па ги деградирал Синот и Светиот Дух на создадени битија. Ова го оставило недопрено математичкото просто единство на Божеството. Но, ова создало застранување/излегување од опитот на Црквата. Бидејќи таа отсекогаш Му се поклонувала на Христа како на Бог. Затоа аријанизмот во определен момент бил отфрлен.

Целата позната клаузула за омоусиос (едносуштноста) од никејскиот Символ на верата е со цел да се потврди дека Христос е и различна личност од личноста на Отецот, а во исто време е и едно суштество, суштина или природа, со Отецот. Со еден збор, Троица е и три, и еден.

Разликувањето на суTheophanes the Greek The Transfigurationштината и енергиите на Бога, што римокатолиците сакаат да го наречат паламизам, но всушност е присутно во целата историја на православната мисла, не е ништо друго, туку лингвистички начин да се потврди дека Бог е и трансцедентен, и иманентен. Учењето за несоздадената светлина, коешто е круна на ова разликување, едноставно потврдува дека кога светиите имаат опит на славата на Бога, тие имаат опит на Самиот Бог, иако Он сè уште останува целосно сокриен и недостапен во Својата внатрешна природа.

Божјата слава, т.е. Неговата благодат, не е создаден посредник, туку Самиот Бог. Кога човекот се причестува со оваа благодат, тој е буквално обожен, но никогаш, никогаш, ниту во овој живот, ниту во векот што доаѓа, човекот не се преобразува во природата на Бога. Со Бога може да се општи преку Неговите дејствија или енергии, но Он е сосема трансцедентен по природа. Човекот се обожува по благодат, секогаш останувајќи создание. Ова го имал предвид свети Василиј кога говорел дела човекот е создание со задача да стане Бог.

Оние што ја негираат оваа дистинкција, го објаснуваат ова велејќи дека на овој начин се нарушува Божествената простота (едноставност, симплицитет), а тоа е индиректен начин да се каже дека со ова се нарушува човечката рационалност – Бог може да е или/или, но не и/и. Но, Божествената природа не е и не може да биде предмет на човечкото познание. Богот што може да биде спознаен со човечки разум воопшто не е Бог. Или да го поставиме ова поинаку, Бог не се потчинува на принципите на не-контрадикторноста или исклученото трето.

Во своите трактати, свети Григориј го следи аргументот што свети Марко Подвижник и другите го користеле со векови. Тој прашува реторички: „Што ако поборниците за или/или се во право?“ Ако Божествените енергии или дејствија не се Самиот Бог, туку создадени нешта, тогаш човекот нема реално општење со Бога. Нашиот однос со Него останува чисто површно. Секако, ова е позицијата на муслиманите, како и на некои форми на протестантизмот. Ние никогаш нема да станеме богови по благодат или учесници на Божјата природа, или вистински сонаследници на Христа. Ние остануваме само слуги.

Од друга страна, ако Божествените енергии или дејствија се идентични со Божествената природа, тогаш да се причестува со нив, на некој начин значи да се причестува со самата Божествена природа. Единствен поимлив резултат на ова мисловно движење е пантеизмот. Сепак, западното Христијанство се мислело меѓу двата заклучоца во текот на последните илјада години.

Како и да е, и двете сценарија, да ја употребам фразата од претходно, застрануваат од опитот на Црквата. Светиите знаеле дека тие имаат опит на Самиот Бог, а не на некакви создадени посредништва, но тие исто така во исто време знаеле колку неисцрпен и недостапен е овој Бог, во Својата длабочина.

Значи, имаме два избора. Можеме да го прифатиме и/и со парадоксите и логичките контрадикции што произлегуваат од ова, или можеме да го жртвуваме живиот опит на Црквата на олтарот на нашиот паднат разум, правејќи Го Бог складен на нашите рационални страндарди.

Вистинскиот пробbrojanicaлем овде, како што констатирав претходно, произлегува од фактот што луѓето инсистираат повеќе да богословат со книги, отколку со бројаница. Нема ништо езотерично, па дури и мистично во црковното учење за суштината и енергиите на Бога. Тоа е само начин на кој Црквата го запазила и/и, запазувајќи ја така можноста да ја откриеме вистината за себе, преку следење на црковниот пат на покајание, послушание и молитва.

Нека нашиот велик Бог и Спасител, Исус Христос, по молитвите на свети Инокентиј Аљаски, блажениот старец Софрониј Сахаров и свети Григориј Палама, нè помилува нас и ни дарува наследство во Неговото Царство.

Кларк Карлтон

Извор: http://www.ancientfaith.com/podcasts/carlton/palamism_explained_in_twelve_minutes_or_less

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *