Отец Александар Шмеман: Религија или идеологија?

32_Alexander_ShmemanНие живееме во епоха кога торжествуваат идеологиите. Идеологија е ужасен збор што неодамна се појави и веќе речиси непоправливо го отрови нашиот свет, нашиот живот. Што е тоа идеологија? Тоа е учење или теорија, која не само што се истакнува себе како апсолутна и сеопфатна вистина, туку и на човекот му пропишува одредено поведение и дејствување. Во својата длабочина, идеологијата претставува сурогат, замена на религијата. Но разликата, и тоа голема, меѓу религијата и идеологијата е во тоа, што религијата, верата, е секогаш нешто многу лично, невозможно без длабок и личен опит, додека идеологијата, секоја идеологија, започнува со едноставно негирање на личното и со негово отрфлање како непотребно.

Религијата, повикот да се верува, е секогаш нешто обратено кон човекот. Идеологијата се обраќа кон толпата, колективот, кон народот, класата, човештвото. Целта, суштината на религијата се состои во тоа, наоѓајќи Го Бога, човек да се пронајде и себеси, да се осебеси. Целта и суштината на идеологијата е во тоа, да го потчини човекот целосно на себе, та човекот да стане исполнувач и слуга на идеологијата. Религијата вели: Каква полза е за човекот, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости (Мт 16,26). Идеологијата вели: потребно е целиот свет да се придобие, за да се оствари идеологијата. Религијата повикува во другиот човек да се види ближниот; идеологијата секогаш е упатена кон далечните, безлични, апстрактни луѓе.

Повторувам: ние живееме во епоха кога торжествуваат идеологиите, кога тие страшно господарат над луѓето. Само во нашиот век – а тој има само седумдесет години[1] – загинаа милиони, милијарди луѓе во име на апстрактните идеологии, во име на привидните идеологии. И денес човекот нема поитна и понеопходна задача од отфрлањето и развенчувањето токму на овие идеолошки доминации и тирании над човекот од страна на идеологиите.

Но, оваа задача може да се исполни само ако се успее над сите идеологии да се постави идејата на личноста, што нив ги надминува и детерминира, а тоа значи – живиот, конкретен, единствен и неповторлив човек. Самракот на религијата и торжеството на идеологијата доведоа до потполна смрт на идејата на личноста и на опитот што стои зад неа. Опитот, се разбира, во својата првооснова е религиозен. Само во религијата, само од религијата е возможна идејата на личноста – еве што не разбираат, не можат и не сакаат да сфатат современите луѓе што очекуваат спасение од некоја идеологија.

Ќе ми речат, дека самата религија во епохата на своето торжество многу често ја газела идејата на личноста, дека самиот принцип на права на личноста, слободи итн. се родил во борбата со религијата. Делумно тоа е вистина. Но, таа вистина треба да се разбере во целата нејзина комплексност.

Да, секако, Христа Го распнале религиозни луѓе. Но, Го распнале токму затоа што Он ја изобличувал нивната религиозност како лажна религиозност или, кажано со нашиот современ јазик, ги изобличил нив заради превратувањето на религијата имено во идеологија. Зашто целата смисла на конфликтот меѓу Христос и оние што Го распнале, се сведувал на едно. Он, Христос, го поставил човекот над сè друго, го направил него, и само него, предмет на љубовта, предмет на апсолутно внимание. А непријателите Христови од религијата сакале поредок, спасение на Татковината, самодоволство – што било друго, и заради сето тоа тие барале слепо потчинување на безличните закони.

wmld115-faceless_crowd

За сево ова Христос не рекол ниту збор. Како што не кажал ниту збор за државата, општеството, историјата, културата – за сето она што отсекогаш претставува предмет на сите идеологии. Неговото внимание цело време било обратено на живите луѓе што Го опкружувале. Но, Он не говорел дури ни за нивните права. Он на нив едноставно ја обратил Својата љубов, учество, сострадание, интерес. И токму за ова, за тоа што Он живиот човек го поставил над сè во светот, Он и бил осуден. Но, во таа осуда – и конечно треба да се разбере – се преродила и самата религија. Од идеологија таа станала жива сила и над светот засекогаш се зацарила идејата на личноста.

Подоцна, во историјата, и самото Христијанство – треба да се признае – многу често се изродувало/дегенерирало во идеологија, барало слепо потчинување, служело на маргинални цели… Но, во сето тоа не се содржи неговата суштина. Неговата суштина е во евангелскиот образ на Христа, во образот на човекот, обратен кон другиот човек, кој во него гледа ближен, и во него ги положува целта и смислата на животот.

И во историјата на човештвото не постои друго учење за личноста. Неа ја нема во величествената и длабока грчка философија, ја нема во Рим, којшто ја создал идејата на правото, но робот не го сметал за човек. И се разбира, оваа идеја на личноста ја нема во ниту една современа идеологија, која секогаш е окупирана со човештвото, но заради човештвото премногу спокојно уништува милиони луѓе.

Јас тврдам, дека идејата на личноста е религиозна, затоа што е очигледно: ако не постои нејзиниот возвишен корен, ако човекот не е „одозгора“, ами „одоздола“, ако тој е само минлива појава, тогаш навистина нема зошто за него посебно да се загрижува, а над светот тогаш царува само законот на големите цифри. Тогаш – и кон тоа ние наскоро ќе дојдеме – изродите, и болните, и старите треба да бидат уништувани, тогаш грижата треба да биде единствено за природната селекција. Тогаш познатата „детска солза“ кај Достоевски е бесмислена сентименталност.

Многу едноставно тоа може да се изрази вака: ако нема Бог, тогаш, во суштина, нема ниту човек. Постојат само луѓе – безлична маса, за чијашто благосостојба и се грижи идеологијата, без оглед на средствата. Токму во таков страшен идеолошки свет, свет на толпи, класи, колективи, живееме ние сега.

И за тоа треба да се размислува, од тоа треба да се згрозуваме, додека не е доцна. Додека сè уште не е заменета живата личност со едноставен реден број. Додека човекот сè уште не станал навистина посложен „робот“, многу поголема машина. Прашањето за религијата денес, пред сè и над сè, е токму прашање за личноста, затоа кон ова најважно од сите современи прашања ќе се навратиме во нашите следни беседи.

отец Александар Шмеман

[1]Очигледно, беседата е напишана во 70-тите години на XX век (заб. на прев.).

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *