Свети Силуан: Величествената наука

siluanДодека живееме на земјата, треба да се научиме да водиме борба со непријателите. Најтешко од сè е да се умртви плотта заради Бога и да се победи самољубието.

За да се победи самољубието, неопходно е постојано да се смируваме себеси. Тоа е величествена наука, којашто нема набрзина да ја стекнеш.

Потребно е да се сметаме себеси за полоши од другите и да се осудиме себеси на пекол. Со тоа се смирува душата и се стекнува покаен плач, од којшто се раѓа радост. Добро е да ја научиш душата на помислата: јас ќе горам во адскиот оган. Но, жалосно е тоа што малкумина го разбираат ова. Многумина очајуваат и пропаѓаат. Нивните души подивуваат и потоа не сакаат ниту да се молат, ниту да читаат, дури ни да размислуваат за Бога.

Потребно е да се осудиме самите себе во душата, но да не очајуваме во милосрдието и љубовта Божја. Треба да се стекне смирен и скрушен дух, па тогаш ќе се оттргнат сите помисли и умот ќе се очисти. Но, притоа треба да се знае сопствената мерка, за да не се изнемошти душата. Проучи се и давај ѝ на душата подвиг според нејзината сила.

Не се сите души еднакво силни: едни се цврсти како камен, а други слаби како дим. На дим приличат горделивите души. Како што ветрот го носи димот насекаде, така и непријателот ги влече нив, на каде што сака, зашто тие или немаат трпение, или непријателот лесно ги измамува. А смирените души ги пазат заповедите Господови и во нив стојат непоколебливо, како морски камен, од кого се разбиваат брановите. Тие се предале на волјата Божја и со умот Го созерцуваат Бога, и Господ им ја дава благодатта на Светиот Дух.

Оној што живее според заповедите, тој секој час и минута ја слуша благодатта во својата душа. А постојат луѓе што не го препознаваат нејзиното наитие.

Оној што ја познал љубовта Божја ќе каже: јас не ги запазив заповедите. Иако се молам дење и ноќе, и се трудам да ја творам секоја добродетел, но заповедта за љубовта кон Бога не ја исполнив. Само во ретки минути ја достигнувам заповедта Божја, но душата посакува постојано да пребива во неа. Кога на умот му пречат надворешни мисли, тогаш умот помислува и на Бога и на предмет; значи, заповедта: љуби со сиот ум и со сето срце – не е целосно исполнета. Но, кога умот целиот е во Бога и нема други помисли, тогаш се исполнува првата заповед, но повторно непотполно.

Љубовта кон Бога е различна. Оној што се бори со лошите помисли, тој во своја мерка Го љуби Бога. Оној што се бори со гревот, тој проси од Бога да му даде сила да не греши, но по слабост сè уште паѓа во грев, и жали поради тоа и се кае, кај таквиот има благодат во длабочината на душата и умот, но страстите сè уште не се победени. А оној што ги победил страстите, таквиот веќе нема борба, но единствено се пази себеси целосно, да не би паднал во грев; кај таквиот благодатта е голема и опиплива. Но, оној што чувствува благодат и во душата, и во телото, таквиот е совршен човек, и ако ја запази таа благодат, тогаш неговото тело ќе се освети и ќе има мошти.

свети Силуан Атонски

Извор: Софроний (Сахаров), архимандрит, Старец Силуан, Издание Сретенского монастыря 2004.

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *