Свети Мојсеј Мурин (28 август/10 септември)

rsz_agios_moisis_aithiops_001

Во египетските краишта живеел некој познат разбојник по име Мојсеј, Етиопјанин по потекло, црн во лицето. Најпрво бил роб на некој значаен господар. Но, поради својот незгоден карактер и бидејќи извршил некое убиство, Мојсеј бил избркан од својот господар и се придружил на некои разбојници. А разбојниците, откако виделе дека Мојсеј телесно е многу силен и со суров карактер, го избрале за свој водач. Ова се кажува за свети Мојсеј, за да се види неговото поправање и преминот од ваков лош живот кон покајание и Богоугодување; бидејќи и поранешните гревови на светителите не се сокриваат заради прославување на Божјото милосрдие, коешто го изведува чесното од недостојниот и од грешникот твори праведник.

Долго време Мојсеј водел ваков лош живот, но еднаш тој некако си дошол на себе, зашто Бог се смилувал над него и го повикал на покајание, оти преблагиот и човекољубив Господ не ја сака гибелта на грешниците, туку го посакува нивното обраќање за спасение. Се стоплило срцето на грешникот Мојсеј, се покајал за сите свои зли дела, го оставил разбојништвото и своите другари, па отишол во пустински манастир, се предал себеси на покорност и служење на игуменот и браќата, или поточно – на самиот Бог. Мојсеј пролевал многу солзи и дење и ноќе, каејќи се за поранешните сторени гревови и, ревносно извршувајќи ги сите послушанија и работи, тој станал прекрасен монах. По некое време, Мојсеј отишол во отшелничка ќелија и живеел сам во Бога, со топло покајание, очистувајќи ги своите поранешни беззаконија.

Кога Мојсеј водел живот во такво покајничко исправување на себе, во неговата ќелија упаднале четири разбојници и го нападнале, не знаејќи дека тоа е Мојсеј. А тој, иако бил сам, ги совладал и ги врзал, па откако ги зел на грбот како вреќа плева, ги однел во манастирот при црквата и им рекол на браќата: Бидејќи никому не треба да чинам зло, а овие ме нападнаа, но јас ги фатив, што ми заповедате да сторам со нив? – Отците му наредиле да ги одврзе и да ги пушти на слобода, велејќи: Нам не ни доликува да убиваме никого. – А разбојниците, откако дознале дека тоа е Мојсеј, којшто бил разбојнички водач, се восхитиле од оваа промена на неговиот живот, и Го прославиле Бога, па и самите станале добри монаси. И не само тие, туку и многу други разбојници, слушајќи дека нивниот водач Мојсеј се покајал и станал монах, и тие го оставиле разбојништвото и сите лоши дела, па станале добродетелни монаси.

Мојсеј бил многу мачен од демонот на блудот. Кога му го исповедал ова на ава Исидор, добил совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. Но кога и тоа не му помогнало, тој на совет од старецот почнал ноќе да бдее и да се моли стоејќи. Потоа си поставил обичај по цела ноќ да им носи на старците вода од бунарот. После шестгодишен страшен труд, конечно свети Исидор чудесно го исцелил од блудните помисли, мечтаења и сништа, наведувани врз него од демоните.

Откако многу години провел во посен подвиг, преподобниот Мојсеј бил удостоен со презвитерски чин, според некое Божјо откровение. Кога бил произведен во првиот степен од свештенството, тој бил облечен во стихар, и епископот му рекол: Еве сега ава Мојсеј е целиот бел. – А Мојсеј му рекол на епископот: Владико, што го прави свештеникот, надворешното или внатрешното? Како да рекол: дали човекот го прави достоен за свештенство надворешната облека што го покрива телото или внатрешните добродетели? – А епископот, сакајќи да го испита Мојсеја дали е тој навистина слуга Христов што има внатрешни добродетели, им рекол на клириците: Кога Мојсеј ќе влезе во олтарот, избркајте го, па тргнете по него и слушајте што ќе говори. – Клириците направиле така: го истерале од олтарот, велејќи: Излегувај надвор, мурину! – А тој, излегувајќи и откако застанал на посебно место, се укорувал себеси: Добро ти направија, песу! Добро сторија со тебе, црн ѓаволу! Оти не си достоен, и како се осмелуваш да влезеш во светињата? Ти не си човек, и како се осмелуваш да им приоѓаш на луѓето и служителите Божји? – Откако ги слушнале овие негови зборови, клириците го известиле епископот; и епископот наредил Мојсеј повторно да го повикаат во олтарот и го ракоположил во презвитер. Потоа го прашал: Отец, што си помисли откако беше избркан и повторно повикан? – Мојсеј одговорил: Се споредив себеси со куче, што кога го бркаат – бега, а кога го викаат назад – бргу дотрчува. – И епископот рекол: Ваков човек е навистина достоен за божествената благодат, зашто Господ на смирените им дава благодат.

www-St-Takla-org-St-Moses-the-Black-019

По примањето на свештеничкиот чин, преподобниот Мојсеј се подвизувал уште петнаесет години, имајќи седумдесет и пет години од раѓањето. Тој имал седумдесет и пет ученици и животот го заврши маченички на следниов начин. Еден ден, седејќи со браќата, тој рекол: Еве, денес ќе дојдат варвари во скитот да ги исколат монасите; станете и бегајте одовде! – Браќата рекле: А ти, отец, зошто не бегаш? Тој им одговорил: Веќе многу години го очекувам денот кога над мене ќе се исполнат зборовите на мојот Владетел, Господ Христос, Кој рекол: Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат (Мт 26,52). – На ова браќата му рекле: И ние нема да бегаме, туку ќе умреме со тебе. – Но, тој им одговорил: Мене тоа не ми е потребно; сепак, секој нека се чува себеси како што најдобро знае.

Тогаш браќата станале и побегнале, а само седум монаси останале со преподобниот. По малку време, старецот рекол: Варварите се веќе близу! – Еден од споменатите седум монаси се исплашил, побегнал и се сокрил некаде. А варварите, откако влегле, го убиле светиот Мојсеј и оние шест собраќа што биле со него. А монахот што ја избегнал смртта, наоѓајќи се на сокриено место, го видел небото отворено и седум пресветли венци како се спуштале над седуммината маченици.

Кога варварите си отишле, монахот се вратил во ќелијата и го нашол преподобниот Мојсеј и шестмината собраќа убиени, а телата им лежат во крв (ова се случило околу 400 година). И монахот почнал да плака. Потоа дошле и другите браќа и плачејќи ги погребале убиените собраќа.

Таков бил крајот на преподобниот наш отец Мојсеј Мурин, кој од разбојник станал монах и со вистинско покајание Му угодил на Бога, така што за него како маченик му се отвориле, не само рајот, туку и небото, и тој бил удостоен со венецот на славата. По неговите молитви нека и нас нè упати на вистинско покајание и да нè удостои со Царството Небесно човекољубивиот Господ Христос, нашиот Бог, Кому со Отецот и Светиот Дух нека Му е чест и слава, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *